Навивачите го најдоа виновникот во Баерн, тоа е оној кој е најдобар

Баерн Минхен вчера неочекувано загуби на „Алијанц арената“ од Вердер со 0:1, пораз кој значи дека актуелниот германски првак заостанува дури седум бода зад лидерот во Бундеслигата, Баер Леверкузен. За баварскиот гигант ова беше прв пораз на домашен терен сезонава, а Вердер стигна до првата гостинска победа, и тоа на убедливо најтешкото гостување.

По овој неуспех, во Баерн Минхен се вклучи алармот дека тимот може да се доведе во опасност да остане без титулата во домашното првенство, и тоа за првпат по 2012 година. Баерн Минхен повеќе од една деценија доминира во Бундеслигата, а навивачите веќе најдоа кој ќе биде „виновникот“ ако Баерн не е првак.

Тоа е Хари Кејн, голгетерот кој пристигна во Минхен на почетокот на оваа сезона. Кејн е одличен играч, а тоа го докажува и со неговите 22 гола во Бундеслигата. Сепак, Кејн важи за „губитник“ затоа што во кариерата нема освоено ниту еден трофеј. Додека играше за Тотенхем, играше и загуби финале во Лигата на шампионите, не освои ниту еден трофеј ниту во Куповите на Англија, а со националната репрезентација во 2021 година загуби во финалето на ЕП од Италија, и тоа во Лондон.

Баерн Минхен сезонава го загуби Суперкупот по поразот од Лајпциг, а неочекувано беше елиминиран и од Купот, и тоа од второлигашки ривал. Сега за Баерн останува само борбата во Бундеслигата, каде што заостанува седум бода, како и настапите во Лигата на шампионите.

Баерн Минхен за доведување на Кејн потроши 117 милиони евра, а неговиот вкупен биланс сезонава е 22 гола и пет асистенции во 17 меча во Бундеслигата и четири гола и три асистенции во шест дуела во Лигата на шампионите. Сепак, навивачите коментираат дека „клетвата на Кејн“ и тоа како е активна.

- Оглас -

Најнови вести