Периодот на адаптација на Виктор Ѓокереш во Арсенал изгледа ќе трае подолго од желбите на навивачите и клубот.
Швеѓанецот кој се прослави во дресот на Спортинг Лисабон, каде што во просек даваше гол речиси на секој натпревар, засега за неговиот нов клуб Арсенал има одиграно 77 минути на две пријателски средби и учинокот му е катастрофален.
Не само што нема гол или асистенција, туку Ѓокереш само шестпати ја пипнал и ја додал топката. Арсенал за него плати 64 милиони фунти, веруваа дека тој е парчето кое фали во мозаикот за да се освои некој трофеј, но засега ништо од тоа, иако ова се само контролни натпревари. Публиката има големи очекувања и тој притисок не е лесно да се поднесе. Првиот официјален меч е за 10 дена, и тоа дерби против Манчестер јунајтед.
„Тој е со нас само една недела или малку повеќе, а веќе видов некои позитивни работи во начинот на којшто го напаѓа просторот. Има желба и самодоверба кај него, знае што треба да направи, немам дилеми дека ќе биде 100 проценти спремен за гостувањето на Олд Трафорд“, рече тренерот Микел Артета.