Поразите од Рома и Ливерпул во Лигата на шампионите и синоќешниот од Атлетико Мадрид во шпанскиот Суперкуп се по вина на тренерот Ернесто Валверде, сметаат многу навивачи на Барселона. Тие често вадат транспаренти против Валверде, но управата има доверба во него, а тоа се однесува и на најголемите ѕвезди во тимот, Лионел Меси и Луис Суарес.
Барса првпат по 21 година загуби меч на којшто водела на 10 минути до крајот, поради тоа и беа шокирани што не се пласираа во финалето на настанот кој се одржува во Џеда, Саудиска Арабија. Не се навикнати да губат од Атлетико и затоа се засилува притисокот врз Валверде.
Но, како што стојат работите, Валверде ќе го преживее и овој кикс, иако за разлика од досега, кога управата беше целосно зад него, сега раководството е поделено.
„Делуваше дека имаме контрола врз мечот и затоа сме изненадени што примивме голови. Атлетико беше брз во контрите. Во фудбалот никогаш не се знае. Кога резултатите не се добри, постојат сомнежи во тренерите“ – рече Валверде, а Меси и Суарес рекоа дека трнеерот не е виновен за поразот.