Европската фудбалска федерација (УЕФА) отвори истрага против Барселона поради „случајот Негреира“.
Истрагата ја води етичка комисија на УЕФА, која треба да утврди дали Барселона со исплатите кон компанијата на поранешниот потпретседател на Судиската комисија на Ла Лига, Енрикес Негреира, се обидувала да влијае врз изборот на судиите на нејзините натпревари и да има привилегиран статус од арбитрите.
„Согласно членот 31.4 од Дисциплинскиот правилник на УЕФА, Етичка и Дисциплинска комисија на УЕФА е ангажирана да спроведе истрага околу можното прекршување на правилата од страна на Барселона во таканеречниот ‘случај Негреира’. Информациите околу истрагата ќе бидат објавени навреме“, соопшти УЕФА.
Доколку биде утврдено дека Барселона дејствувала спротивно на правилата на УЕФА, може да биде исфрлена од европските натпреварувања.
Случајот Негреира веќе се најде во шпанскиот суд, а процесот би можело да трае и до две години. Челниците на Барселона ги отфрлаат обвинувањата на шпанското обвинителство и тврдат дека нема никакви докази дека на компанијата на Хосе Марија Енрикес Негреира му плаќање за да ги подмитува судиите.
Управата на Барселона потврди дека 7,3 милиони евра ѝ биле исплатени на компанијата на Негреира, но за анализа на судењето на нејзините натпревари и за совети како фудбалерите да се однесуваат при судиските одлуки.
Вчера се огласи и шпанското Министерство за финансии, кое објави дека не постојат никакви докази дека Барселона плаќала за мито на судиите.