Навивачите на Интер се молат Меси да игра утре во ЛШ

Лионел Меси блесна на градското дерби против Еспањол постигнувајќи два гола од слободен удар, а имаше и една асистенција за голот на Дембеле, па Барселона лесно стигна до триумф од 4-0. Сега каталонскиот гигант се подготвува за дуелот против Тотенхем во Лигата на шампиони, каде што ќе игра без никаков притисок.

Барселона е сигурно прва во групата, но кога игра на „Камп ноу“, сигурно не сака да загуби. Тотенхем е во битка за второто место со Интер, а лондончани моментно се на посакуваната позиција. Доколку Тотенхем успее да ги освои трите бода на гостувањето на најголемиот стадион во Европа, тогаш воопшто нема да биде важно што направил Интер против ПСВ Ајндховен. „Нераѕурите“ се фаворити против холандскиот тим и се очекува победа на домаќините на „Џузепе Меаца“, но и неуспех на Тотенхем кај Барселона.

Сите навивачи на Интер повеќе се фокусирани дали Барселона ќе игра со најдобриот тим против Тотенхем или тренерот Ернесто Валверде ќе ги одмора Меси и другите ѕвезди.

„Дали Меси ќе игра против Тотенхем? Тоа ќе го знаеме во вторник. Како и да биде, на Интер му ветувам дека мојот тим ќе оди на победа, без разлика дали ќе игра Меси или нема да игра. Нашиот клуб ја почитува Лигата на шампионите и сака да победи на секој натпревар. Ние ќе играме за самите нас, а не за Интер“, рече стратегот на Барселона, Валверде.

 

- Оглас -

Најнови вести