Навивачите на Интер со порака: Прекинете го ова лажно првенство

Нема да има вечерва дерби Јувентус – Интер, иако така беше предвидено според распоредот во Серија А. Цела недела постоеше дилема што да се прави со Дербито на Италија, знаејќи дека во тој дел од земјата дивее Коронавирусот. Поради смртоносниот вирус, беше решено сите дуели во ова коло да се играат без присуство на гледачи, односно зад затворени врати.

Таа одлука важеше се до вчера, кога наеднаш се смени. Одложување на дербито Јувентус – Интер и уште четири меча, беше одлуката на челниците на лигата. Дербито кое може да го реши и прашањето на шампионот сега е одложено за 13 мај.

Навивачите на Интер беа многу револтирани поради таа одлука да не се игра дербито во предвидениот термин. Тие покренаа и кампања на Твитер #CampionatoFalsato со порака да се „прекине ова лажно првенство“. Фановите на Интер се свесни дека за нивниот тим ќе беше полесно да игра вечерва на празен стадион, околку во мај.

Дополнителен проблем за Интер е тоа што во периодот од 3 до 27 мај, Нераѕурите може да имаат дури седум меча на распоредот (доколку играат во финалето на Лигата на Европа). Тоа значи дека Интер ќе треба да игра на секои три дена и дуелот против Јувентус ќе дојде во многу лош момент.

Интер моментно е трет на табелата со 54 бодови, шест помалку од Јувентус кој е второпласиран, додека лидер е Лацио со 62 бодови, но Небесносините имаат и меч повеќе во однос на двата главни конкуренти.

 

- Оглас -

Најнови вести