Фудбалерите на Манчестер јунајтед в недела од 17.30 часот ќе го пречекаат Арсенал во натпревар што некогаш беше големо дерби на Премиер лигата. Сега тоа е дуел меѓу Јунајтед, кој е 14-ти на табелата, и тимот од Лондон, кој е втор, но нема да ја освои титулата ни по 21 година чекање, бидејќи лидерот Ливерпул е пресилен и има голема предност.
Во црвениот дел од Манчестер речиси ништо не функционира веќе со години, а во недела, покрај дуелот со Арсенал, клубот ќе се соочи и со протести на своите навивачи.
Навивачката група на Манчестер јунајтед „1958“ ги повика сите фанови на тимот да го изразат своето незадоволство од начинот на кој се води клубот, така што ќе облечат црна облека и ќе се придружат на протестниот марш пред натпреварот на „Олд Трафорд“.
„Нашиот клуб поминува низ тежок период. Луѓето имаат право да протестираат. Тие се дел од нашиот клуб и секако дека имаат свој глас, а моја работа е да го унапредам тимот и да им дадам нешто во овој момент, бидејќи тие го заслужуваат тоа. Ние можеме само да играме добро и да победуваме“, изјави менаџерот Рубен Аморим во врска со протестите.
Тој додаде дека играчите се исцрпени по дуелот во Сан Себастијан против Реал Сосиедад (1-1) во осминафиналето на Лига Европа и дека ќе биде тешко да се опорават до недела.
Коби Мејну, Мануел Угарте, Мејсон Маунт и Лук Шо би требало да бидат на располагање, а неизвесен е настапот на Хари Мегваер.