Манчестер јунајтед игра очајна сезона, една од најлошите во последните неколку децении. Тимот е во долниот дел од табелата и поблиску е до местата за испаѓање отколку за позициите кои носат излез во Европа.
Црвените ѓаволи на последниот меч во ФА купот беа елиминирани од Фулам, и тоа на „Олд Трафорд“ на пенали, па нема да го бранат пехарот освоен минатата година. Следен предизвик е гостување во Шпанија кај Реал Сосиедад во меч од осминафинале во Лигата на Европа.
Потоа, во Премиер лигата ги чека дерби-дуел против Арсенал ,и тоа на „Олд Трафорд“, а токму за оваа пресметка навивачите решија да го кренат гласот и да протестираат. Цел на протестот ќе биде семејството Глејзер, кој е долгогодишен сопственик на клубот со рекорден број титули во англиското првенство.
„Клубот полека умира пред нашите очи, на теренот и надвор од него. Виновник за тоа во целост е моменталниот модел на сопствеништво“, стои во реакцијата на навивачите на Манчестер јунајтед.
По 27 одиграни кола, Црвените ѓаволи освоија мизерни 33 бода и моментално се на 14-тото место на табелата во Премиер лигата.