Во пресрет на дербито на хрватската лига помеѓу Риека и Динамо Загреб, кое ќе се игра в недела вечер, во градот Риека се појавија транспаренти со пораки наменети до некогашните миленици на фановите од овој град, македонскиот бек Стефан Ристовски и тренерот Сергеј Јакировиќ.
Популарната Армада од Риека им порача на Јакировиќ и Ристовски дека ги чека пекол.
Стефан беше клучен играч на Риека во сезоната 2016/2017, кога тимот освои двојна круна. Потоа замина во Спортинг Лисабон, а од Португалија се врати во Хрватска, но не во Риека, туку во Динамо Загреб. Затоа сега во Риека веќе не можат да го смислат, го навредуваат и го исвиркуваат.
Но, тоа не е ништо во споредба со тоа што го чека Јакировиќ. Тој кога ја презеде Риека, се бореа за опстанок, а ги однесе во Европа. И сезонава почна успешно на клупата на Риека, а тогаш дојде шокот и трансферот во омразениот Динамо. Во клубот од Риека беа огорчени што Динамо им го „украл“ тренерот среде сезона.