Навивачите на Севиља се заканија дека ќе го „обесат“ газдата на клубот (Фото)

Тензијата во шпанскиот прволигаш Севиља не стивнува. Клубот кој е рекордер по бројот на освоени титули во Лига на Европа сезонава играше очајно. Во еден момент дојде во прашање дали Севиља не успее да обезбеди опстанок во Примера дивисион.

Сепак, по победата во последното коло над Леганес со минимални 1:0, Севиља и математички го обезбеди својот престој во Ла Лига и за следната сезона.

Иако опстанокот е обезбеден, тензиите неостануваат. Утрово, кукла со шалот на клубот беше пронајдена обесена на мост на обиколницата SE-30 во градот, а под неа – транспарент со натпис: „Јуниор, ова е твојот крај“. Заканата е упатена кон претседателот на клубот, Хозе Марија дел Нидо Караско. Тој е познат по прекарот „Јуниор“ бидејќи е син на еден од претходните претседатели на клубот – Хозе Марија дел Нидо Бенавенте.

По поразот во Виго минатата недела, тензиите ескалираа во спортскиот комплекс „Хозе Рамон Сиснерос Паласиос“. Стотици навивачи на Севиља, чувани од полиција, го чекаа клупскиот автобус. Играчите беа пречекани со навреди и фрлање јајца, а група ултраси урнаа ограда во обид да го нападнат комплексот. Фудбалерите ја поминаа ноќта во хотелскиот комплекс на спортската база.

Клубот од Андалузија во официјално соопштение го осуди вандализмот извршен од „група организирани радикали“ и изрази противење на „какви било протести што вклучуваат насилство и кривични дела“. Пред неколку недели, по поразот од Атлетико Мадрид, директорот за стратегија и развој, Игнасио Наваро, беше нападнат додека го напушташе стадионот. Вчера Федерацијата на фан клубови на Севиља, „Сан Фернандо“, ги прогласи Хозе Марија дел Нидо Караско и целиот негов одбор на директори за „персона нон грата“.

Севиља в недела го игра последниот меч на домашен терен сезонава. На гости ѝ доаѓа Реал Мадрид.

- Оглас -

Најнови вести