Менаџерот на Манчестер сити, Хосеп Гвардиола, беше незадоволен што на трибините на „Етихад“ има малку публика. Граѓаните на последните три меча на својот стадион постигнаа дури 16 гола и Гвардиола рече дека играчите заслужуваат поголема поддршка од трибините.
На мечот од ЛШ со Лајпциг имаше 38.000 луѓе, а капацитетот на трибините е 55.000 навивачи. На последните два меча од Премиер лигата имаше над 50.000 фанови.
Ова го испровоцира генералниот секретар на навивачката група, Кевин Паркер, да му одговори на Пеп.
„Тој е најдобар тренер на светот и треба да се држи само до тренерската работа. Разочарувачки е да се слушне како има дилеми околу лојалноста и љубовта кон клубот. Нека замолчи и нека си ја гледа само неговата работа“, порача Паркер, кој смета дека посетата на мечевите генерално е одлична, а Гвардиола со вакви изјави само ги пали ривалските фанови стадион „Етихад“ да го нарекуваат „Емптихад“ (емпти на англиски е празно н.з.).
„Пеп има неделна плата од 300.000 фунти, но немаат сите толку пари за да може да купуваат билети за секој меч. Ако е толку загрижен, нека им купува билети на деца и трибините ќе бидат поисполнети. Тој не може да разбере колку им е тешко на луѓето да дојдат на стадион во среда од 20 часот. Покрај тоа, пандемија е“, додава Паркер.