Црвена ѕвезда е на еден чекор од второ учество во низа во групната фаза од Лигата на шампионите. Српскиот првак утревечер на свој терен ќе го игра реванш-дуелот против Јанг бојс, а потоа ќе се знае кој тим ќе се радува на влез во фудбалската елита на Европа.
По првиот меч одигран во Берн, Ѕвезда има позитивни 2:2, што значи дека на „црвено-белите“ им одговара и реми без голови или 1:1. Во Белград расте еуфоријата, а стадионот „Рајко Митиќ“ ќе биде исполнет до последно место бидејќи билетите одамна се распродадени.
Според пишувањата во српските медиуми, Ѕвезда само од овој меч ќе заработи половина милион евра, само од парите од навивачите дадени за билети и сувенири. Продажбата на билети треба да има вкупна заработка од 450.000 евра, а дополнителни 50.000 евра се очекуваат од други маркетинг-активности.