Навивачите не смеат на стадион во Тбилиси, битката ја бијат на социјалните мрежи

Грузијците се многу коректни домаќини и македонската фудбалска репрезентација и целата наша експедиција во Тбилиси нема никакви проблеми пред историскиот дуел вечерва од 18 часот на „Борис Паичаѕе“ стадионот.

Иако мечот со право и за двете репрезентациии го има ореолот историски поради тоа што и Грузија и Македонија никогаш не играле на големо натпреварување, победникот вечерва ќе си визира пасош за настап на ЕП и навивачите се многу коректни.

Поради пандемијата со корона-вирусот, вечерва ќе ги нема на трибините на стадионот на Динамо Тбилиси, а интересна битка се бие на социјалните мрежи.

Секако и Грузијците и Македонците со нетрпение го чекаат часовникот да означи 18 часот по македонско време, односно 21 по локално овде во Грузија за да стартува големото финале за пласман на ЕП.

Секој си навива за својата репрезентација, а најважно е што во комуникацијата нема „недозволени стартови“ и навреди.

„Грузија е подобра и ќе победи“ е најчестиот коментар на домашните симпатизери, а очекувано и Македонците возвраќаат дека Пандев и соиграчите сигурно ќе играат на ЕП.

„Подобри сме и само ако не нè фати некаков страв од победа ќе славиме прв и историски настап на Европско првенство“, е еден од мноштвото коментари на симпатизерите на македонската репрезентација.

Почетокот на големото финале за Грузија и за Македонија се приближува и најдоцна до 21 часот по наше време ќе се знае победникот и патникот за ЕП.

Победник мора да има, а правилата се ако нема одлука во регуларните 90 минути, да се играат продолженија од двапати по 15 минути, а потоа евентуално и пенали.

 

- Оглас -

Најнови вести