Властите во Велика Британија дозволија да се вратат навивачите на стадионите во ограничен број почнувајќи од 2 декември, но според тоа какви правила ќе треба да почитуваат присутните навивачи на трибините, нема да има многу разлика од играње пред празни трибини.
Имено, на навивачите нема да им биде дозволено пеење и скандирање за време на натпреварите, а исто така забрането е конзумирање алкохол пред почетокот на мечевите и во нивниот тек.
Овие тврдења доаѓаат од англиските медиуми, а доколку се покаже дека е вистина, загубениот сјај на фудбалот речиси нема да се врати. Токму навивачките песни и скандирањата од трибините ги прават натпреварите да бидат поинтересни за следење, а според наведените мерки, навивачите ќе имаат улога на статисти во целата претстава.