Навивачка од Исланд се пожали: Во Загреб наплаќаат 60 евра за кока-кола, возење со такси за 85 евра

Покрај дел од македонските навивачи кои беа разочарани од организаторите на Светското првенство во Хрватска, реакции имаше и од словенечките фанови, а сега се „јавија“ и навивачите од Исланд.

Оние кои пропатувале неколку илјади километри за да ја бодрат својата репрезентација, се незадоволни поради цените во Загреб. За словенечкиот портал „Екипа“ навивачка од Исланд раскажа за негативното искуство кое го имала во Загреб. Иако доаѓа од земјата која го има еден од најголемите стандарди за живот и плати кои се над европскиот просек, госпоѓа Хердис Рутсдотир откри што ѝ се случило.

„Мојот маж на полувреме од нашиот меч против Словенија сакаше да купи една кока-кола, а келнерката му наплати дури 60 евра. Откако тој реагирал кај постариот келнер, му биле вратени парите“, раскажува Рутсдотир. Инаку цената на половина литар кока-кола е пет евра.

Тоа не било единственото негативно искуство на навивачката од Исланд. „Пред неколку дена со пријателите со такси тргнавме од Арената до центарот на Загреб. Возачот сакаше да ни наплати 85 евра. На крајот успеавме да се договориме за сума од 21 евро“, вели Рутсдотир, која додава дека многу полошо од неа поминал еден новинар на „Мбл.ис“, кој морал да плати 100 евра за возење со такси од Арената до еден хотел во Загреб.

- Оглас -

Најнови вести