НБА има интересна тактика: Ако некој играч не сака да доигра, ќе може да се најде негова замена од „базен“

Челниците на НБА-лигата ги финализираат деталите околу тоа како да ја доиграат сезоната која речиси три месеци е во прекин поради корона-вирусот. Планот е првенството да продолжи на 31 јули, а сите мечеви да се играат во „Дизни центарот“ во Орландо. Наместо сите 30 екипи, во продолжување на сезоната ќе играат 22 клуба, оние кои обезбедиле место во плејофот или уште имаат реални шанси да се борат за место во доигрувањето.

Проблем за челниците на НБА претставува и тоа што околу 50-мина играчи на клубови кои ќе играат се плашат да бидат на терен поради опасниот вирус. Здружението на играчите (НБПА) и НБА работат на тоа да им се дозволи на кошаркарите да не играат доколку не се чувствуваат безбедни за своето здравје.

Најмногу од кошаркарите кои се плашат е поради стравот да не добијат корона-вирус, а потоа да го префрлат кај некој од своите семејства. Затоа, планот е ниту еден играч да не смее да го напушти кампусот на „Дизни центарот“ цели 10 дена по завршување на мечевите, односно тоа да биде период на карантин.

Доколку некој играч сепак реши да не ја доигра сезоната, тој нема да биде казнет, само едноставно нема да ја добие платата за тие дуели. До крајот на регуларниот дел треба да се доиграат уште по осум меча, што значи дека околу 10 отсто од годишната плата ќе им биде скратена на оние кошаркари кои нема да сакаат да доиграат.

НБА планира да направи „базен“ на заменски играчи кои би можеле да влезат на местото на оние кои нема да сакаат да продолжат. Од тој „базен“, клубовите ќе може да земаат играчи и доколку некои од нивните кошаркари се зарази со корона-вирусот во текот на продолжувањето на сезоната или некој се повреди. Ако еден играч е заменет, потоа тој нема да има право да игра до крајот на сезоната.

 

- Оглас -

Најнови вести