Челниците на НБА-лигата го потврдија новото правило кое посебно не оди во корист на големите кошаркарски ѕвезди. На сите клубови им бил испратен допис со дополнувањето на правилникот во кој стои дека во иднина ниту еден тим нема да смее да „одмора“ повеќе од една ѕвезда на меч.
Ова правило сигурно нема да им се допадне ниту на кошаркарите, но ниту на тренерите, кои нема да смеат да калкулираат како досега. За НБА-ѕвезда се смета секој оној кошаркар што претходните три години бил избран во идеалната петорка, или идеалната дефанзивна петорка или ако бил избран да биде дел од Олстар-натпреварот.
Со ова правило, НБА сака да ги намали „неоправданите изостаноци“ на големите ѕвезди на дел од дуелите кои тие ги сметаат за неатрактивни, па така разочараните навивачи се откажуваат од купување влезници.
За да бидат сигурни дека клубовите ќе го почитуваат ова правило, НБА воведе драстични парични казни кои може да достигнат и над еден милиони долари. Првата казна е 100.000 долари, ако кошаркарот по вторпат неоправдано не игра, следува казна од 25.000 долари, а ако тоа се повтори и третпат, казната ќе дојде и до еден милион долари. Доколку и по таа казна се продолжи во ист ритам, нема да биде изненадување ако казните бидат и уште поголеми.
Интересно е и тоа дека играчите кои ќе одмораат, мора да бидат присутни во салата и навивачите кои ќе бидат на трибините ќе може јасно да ги видат на одредено место. Дури и пред крајот на сезоната, ако некој тим ги загуби шансите за плејофот, нема да смее да ги ослободи ѕвездите, како на пример тоа што го направи Портланд со Демијан Лилард минатата сезона. Доколку мечот биде пренесуван на национална телевизија, нема да биде дозволено ниту еден кошаркар да одмора.
Екипи со повеќе од една ѕвезда се: Бостон, Филаделфија, Голден стејт, ЛА клиперс, ЛА лејкерс, Феникс, Сакраменто, Мемфис, Чикаго, Кливленд, Милвоки, Атланта, Мајами, Минесота и Далас.