НБА-ѕвездите заиграа во полн сјај против Шпанија

Првиот фаворит за златниот медал на кошаркарскиот турнир во Токио, селекцијата на САД, го доби дербито против Шпанија и се пласира во полуфиналето. Динамичен беше мечот, но Американците не дозволија изненадување, иако во првото полувреме се мачеа да го скршат отпорот на силниот ривал.

САД добро го отвори мечот и поведе со 17:10, но потоа следуваше контраудар на Шпанците. Црвената фурија заигра многу подобро во втората четвртина и во еден момент стигнаа и до двоцифрена предност од 39:29. Сепак, Американците брзо се вратија и на полувреме се замина со нерешено 43:43.

Третата четвртина беше клучна за овој меч. Американците беа фуриозни. Брзо стигнаа до 58:48, а потоа имаа и 16 разлика (65:49). Шпанците се обидуваа да се вратат во игра, но најмногу што стигнаа беше на четири негатива (65:69). Во последната четвртина, НБА-ѕвездите на САД рутински ја држеа разликата над 10 поени и на крајот победија со 95:81.

Кевин Дурант со 29 поени беше најефикасен кај победничкиот тим, додека прв стрелец на мечот беше Рики Рубио со 38 поени. Во полуфиналето, Американците ќе го очекуваат подобриот од дуелот Австралија – Аргентина.

Во полуфиналето се пласира и Словенија, која убедливо ја победи Германија во првото четвртфинале на турнирот.

 

- Оглас -

Најнови вести