Не било до тренерот – Мурињо дојде со вистински тим на „Олд Трафорд“ и го прегази Манчестер јунајтед (Видео)

Жозе Мурињо пристигна на „Олд Трафорд“ со вистински тим, а под негова команда Тотенхем го прегази Манчестер јунајтед со 6:1, во меч на кој Црвените ѓаволи за првпат по 63 години примија четири гола на свој терен во првото полувреме.

Мурињо успеа да се реваншира по неуспешната авантура како тренер на Манчестер јунајтед, а неговиот поранешен тим доживеа вистински потоп.

Почетокот воопшто не навестуваше катастрофа на Манчестер јунајтед, а Бруно Фернандеш со прецизен удар од белата точка во втората минута им донесе предност на домаќините.

Потоа се случија два смешни кикса на Хари Мегваер, најскапиот стопер на светот, кој погреши во четвртата и во седмата минута, а казнија Ндомбеле и Сон за пресврт и најава за триумф на Тотенхем.

Гостите имаа и мала помош од судијата Тејлор, кој погреши во 28-мата минута и го исклучи само Ентони Марсијал, а му прости на Ерик Ламела, кој доби само жолт картон, иако заслужи црвен.

Предноста од фудбалер повеќе максимално ја искористија гостите од Лондон и го декласираа најтрофејниот тим во Англија со 6:1.

Веднаш казнија Сон и Кејн со одлична акција во 30-тата минута, а Јужнокореецот погоди за 1:3.

Сон беше немилосрден и повторно погоди само 7 минути подоцна, а Тотенхем го повтори подвигот од ноември во 1957 година, кога постигна 4 гола во првото полувреме на „Олд Трафорд“ во победата од 4:3.

Овојпат повторно имаше 7 гола, но и со многу потежок пораз на Манчестер јунајтед.

Орие и Кејн од пенал ставија завршен печат на брилијантната победа на Тотенхем, за радост на Мурињо и голем триумф против неговиот поранешен тим.

 

 

- Оглас -

Најнови вести