Иако Џиџи Буфон за повеќе од 20 години во врвни клубови и неколку загубени финалиња го сметаат за малер број 1 во Лигата на шамоионите, сепак германскиот фудбалер Џулијан Дракслер од Пари Сен Жермен може да се каже дека е најмалерозниот играч во последните неколку години во ЛШ. Ова се однесува на присуството на Дракслер во поразените екипи кои не успеале да одбранат убава или одлична предност по првите натпревари во една елиминациска фаза од елитното континентално натпреварување.
Во пролетта 2016 година, Дракслер беше член на бундеслигашот Волфсбург, кој го изненади Реал Мадрид со 2-0 во првиот дуел во Германија. Сепак, „волците“ не приредија сензација и беа елиминирани, откако со три гола на реваншот во Мадрид, Кристијано Роналдо го однесе Реал во следната рунда.
Во 2017 година, Дракслер го даде првиот од четирите гола со кои ПСЖ ја декласираше Барселона со 4-0. Но, и тоа не беше доволно за Дракслер да оди понатаму бидејќи на реваншот Барса го уништи францускиот тим со 6-1.
Годинава Дракслер со ПСЖ славеше 2-0 на гостувањето кај Манчестер јунајтед и имаше реванш на домашен терен, но Англичаните славеа со 3-1 и се пласираа во четвртфиналето. ПСЖ е првиот тим кој прокоцка предност од 2-0 по таква победа на гостување во елиминациска фаза од ЛШ. Вината за елиминациите не е кај Дракслер, но навистина тој нема среќа во вторите 90 минути од важните европски двомечи.