Македонската фудбалска репрезентација со право се надева дека може да се пласира на Светското првенство кое следната година ќе се игра во Мексико, САД и Канада, но патот дотаму ќе биде трнлив.
Има два начини како да се најдеме на Мундијалот, едниот и најбрз е како првопласирани во квалификациската група, нешто за што имаме шанси, но не зависиме само од себе туку и од резултатите на конкурентите Белгија и Велс. Другиот начин е преку баражот, кога ќе треба да добиеме два натпревари против тимови кои ќе бидат второпласирани во своите групи од квалификациите.
Македонија благодарение на победата во својата група во Лига Ц од Лигата на нации, има речиси обезбедено место во баражот дури и да завршиме како трети во групата за Белгија и Велс. Но, така би биле во четвртиот шешир, и би играле полуфинале на гости против некој од првиот, а во моментов таму се Италија, Турција, Украина и Велс.
Кога Македонија би го освоила второто место во квалификациската група (ќе ни треба победа над Казахстан и да не загубиме од Велс), на пример зад Белгија, тогаш би имало поместувања на местото на Велс во првиот шешир би се качил некој друг тим, а Македонија според рејтингот што го има на ФИФА листата би се нашла во третиот шешир при ждрепката за баражите, а тоа значи полуфинале (на гости) со некој од вториот шешир каде во моментов се Полска, Чешка, Унгарија и Шкотска.