Месут Озил нема иднина во Арсенал, тргнат е настрана од клубот со кој има богат договор, но турскиот Германец сака да игра и неколку клубови му ја нудат таа можност. Озил се поврзуваше со трансфер во Фенербахче, но сега се појави друга информација, дека тој може да прејде во Јувентус.
Озил во Реал Мадрид играше заедно со Кристијано Роналдо и имаа близок однос, па Португалецот кој се лутеше кога Реал го продаде Германецот, нема ништо против Озил да го облече дресот на италијанскиот првак.
Озил нема играно за Топчиите уште од март, а мислењата на фановите и во клубот Арсенал се поделени. Озил знае да креира шанси за голови, тоа му треба на Арсенал кој има опасни напаѓачи кои би ги користеле неговите асистенции, но Озил неодамна во едно интервју спомна дека желба му е да игра во ист тим со Џиџи Буфон, голманот на Јуве.
Договорот на Озил со Арсенал истекува во јуни, па јануарскиот преоден рок е последна шанса за Топчиите да заработат нешто на Озил. Има шпекулација дека Јувентус би бил заинтересиран, иако Бјанконерите не сакаат да потрошат многу пари. Едно од решенијата е до јуни Озил да го плаќаат по половина и Јуве и Арсенал, а потоа да се одлучи дали Јувентус ќе му понуди нов договор.
Озил е во Арсенал од 2013 година, и за клубот одигра 254 меча (44 гола и 77 асистенции).