Навивачите на Барселона го обвинуваат тренерот Ернесто Валверде дека е виновен за поразите од Ливерпул во Лигата на шампионите и од Валенсија во финалето на кралскиот куп на Шпанија, а главна мета на дежурните „хејтери“ по социјалните мрежи е Лионел Меси.
Пред неполн месец, во Барса веруваа дека ќе освојат двојна круна во Шпанија, плус ЛШ, но останаа само со пехарот во Ла Лига, додека турнирските натпреварувања ги завршија со огромни разочарувања.
Фановите на каталонскиот гигант жестоко го критикуваат тренерот Валверде за двата дебакли, но управата му даде поддршка. Останатите, пред сè навивачите на Реал Мадрид и Валенсија, се шегуваат на сметка на играчите на Барса, најмногу на Меси и Жорди Алба. Левиот бек за грешките што ги прави во одбраната го споредуваат со Марсело од Реал кој е очаен дефанзивец и игра на истата позиција како Алба.
Меси воопшто не е виновен што Барселона загуби од Валенсија, тој си го направи своето, даде гол, но беше осамен, изостана поддршка од соиграчите во нападот. Сепак, сеирџиите не ја пропуштија приликата да го „закачнат“ Аргентинецот, па така еден му порача дека „не е сè загубено, ти остана да ја загубиш и Копа Америка“.
Во Аргентина пак, веруваат дека овие порази на Барселона ќе придонесат Меси да биде супер мотивиран на Копа Америка и дека во Јужна Америка ќе дојде со „крв во очите“, и ќе даде сè од себе да ѝ донесе прв трофеј на својата земја после цели 26 години.