Спортот е единствената работа која успеала да ја сплоти цела нација, а спортистите се најголемите амбасадори на Македонија. Благодарение на успесите на спортските терени, за Македонија се слуша низ целиот свет.
Освен спортистите кои се на теренот, Македонија е позната како земја која има одлични навивачи, кои создаваат прекрасна атмосфера на трибините. Токму нашите навивачи се покажале како одлични промотори на земјата. Еден од оние кои со гордост секогаш ја промовира Македонија е Наце Митев.
Момчето од Струмица кое неколку години веќе живее во Германија, е вистински спортски амбасадор на Македонија од трибините. Во изминативе неколку години, речиси и да нема спортски спектакл на кој Наце не бил во живо на трибините.
Секогаш „вооружен“ со знамиња, дресови, шалови и останати спортски реквизити, Наце постојано е во центарот на вниманието на телевизиските камери и фотографи, а сега се согласи да состави хуманитарен тикет во Sport Life.
„Многу луѓе имаат некакви пороци. За мене ако може да се рече за некој порок, но секако од позитивен аспект, тоа е што сум зависен од спортот. Обожавам спорт без разлика дали е фудбал, кошарка, ракомет или некој друг спорт. Посебно со гордост навивам за Македонија и македонските екипи или спортисти кои се на теренот“, ја започна својата приказна Митев.
Наце веќе неколку години живее и работи во Германија, од каде многу лесно може да стигне до големите европски спортски збиднувања. Во последниве неколку години, во живо се радувал на европска ракометна титула на Вардар во Лигата на шампиони, ја бодрел македонската ракометна репрезентација на СП во Минхен и ЕП во Виена, а секако не го пропушти ни Европското фудбалско првенство во Букурешт и Амстердам, како и неколку дуели на Македонија на гостински терен, во квалификациите кои ги играше во Австрија, Лихтенштајн…
„Прекрасно е да се биде на трибините и да се навива за репрезентацијата или македонски клуб. Секогаш сакам да бидам опремен со навивачки реквизити, подготвен да ги бодрам нашите, без разлика дали на крајот ќе победиме или загубиме. На ЕП во фудбал во Букурешт и Амстердам поминавме прекрасни моменти. Атмосферата беше феноменална, па и покрај тоа што три пати загубивме, на навивачите во ниту еден момент не им се расипа атмосферата. На трибините запознав многу нови пријатели со кои уште сум во контакт“, открива Митев.
ВО МИНХЕН ГО УАПСИЛЕ ПО ГРЕШКА, ПОТОА МУ СЕ ИЗВИНУВАЛЕ, НО ПРОПУШТИЛ ЕДНО ПОЛУВРЕМЕ ОД ВАЖЕН МЕЧ
Наце вели дека имал многу интересни ситуации кои му се случиле поврзани со навивањето, а посебно ќе го памти тоа од пред две години на Светското ракометно првенство во Минхен.
„Пред мечот Македонија – Шпанија, ги чекав пријателите да им ги дадам билетите кои ги имавм купено. Ме сопреа полицајци и ми побараа документ за идентификација. Потоа решија да ме претресат и кај мене пронајдоа 10-тина карти од кои некои беа од мечеви кои претходно беа завршени. Јас сум колекционер на карти, имам преку 300 билети од разни спортски натпревари. Полицајците мислеа дека сум препродавач и ме уапсија. Со полициско комбе ме однесоа во станица. Не бев вознемирен затоа што знаев дека немам ништо лошо направено. Им објаснив дека билетите ми се купени од олимпискиот комплекс, а дека дел од билетите се од претходно одиграни мечеви. Полицијата веднаш спроведе истрага. Преку видео камерите на олимискиот комплекс утврдија дека сум бил на билетарата во посоченото време и дека билетите кои се во мене, со тој сериски број, се купени во тој период. Потоа полицајците ми открија дека барале некој Шпанец препродавач на билети, а бидејќи македонското и шпанското знаме со со црвена и жолта боја, помислиле дека сум тој препродавач. На крајот ми се извинија и со комбе со ротација ме вратија пред салата за да стигнам да го гледам мечот. Го пропуштив првото полувреме, но тоа е искуство кое секогаш ќе го памтам. Подоцна, полицајците преку пошта ми ги вратија и билетите од претходните мечеви кои ми ги запленија и ми се извинија“, раскажува Наце.
ФАН Е НА БАРСЕЛОНА, САКА ДА БИДЕ НА ТРИБИНИТЕ СЕКОГАШ КОГА ИМА ДОБРА АТМОСФЕРА
Митев е голем фан на Барселона, дел од навивачкото членство на каталонскиот гигант. На „Камп Ноу“ бил повеќе од 10 пати, а посебно ќе го памти дуелот против Ливерпул кога Меси даде прекрасен гол во победата од 3:0.
Освен на Барселона, следи и многу други спортски настани посебно во Германија. Последно беше на големото германско дерби меѓу Борусија Дортмунд и Баерн Минхен, кога имаше редуциран број на публика, па на „Вестфален“ имаше само 15.000 гледачи. Не го пропушти и ракометниот дуел меѓу Кил и Вардар пред десетина дена.
„Барселона е мојот омилен клуб. Како член од навивачкиот клуб од Македонија, полесно можам да добијам карта. Но освен на Барселона, сакам да гледам и други мечеви посебно каде што има убава атмосфера. Во Германија се случува и на мечеви од трета фудбалска лига да има по 10.000 навивачи или на ракомет од втора лига да има неколку илјади публика, па убаво е за гледање“, вели Митев, кој иако живее во Германија, секогаш купува и сезонски билет за домашните мечеви на РК Вардар во „Јане Сандански“.
Митев кој освен што е колекционер на билети, до сега има собрано и околу 150 шалови и преку 100 дресови. „Кога доаѓам во Македонија знам да купам неколку шалови од Вардар и потоа тука во Германија се менувам со други навивачи. Од дресовите кои ги имам, секако најомилен ми е тој што лично ми го подари Горан Пандев по дуелот Австрија – Македонија“, додава спортскиот фанатик.
НА РЕД Е ПРАВЕЦ ПАЛЕРМО, ДА СЕ БОДРИ МАКЕДОНИЈА ПРОТИВ ИТАЛИЈА
Наце уште од сега има план за тоа кои му се спортските приоритети во 2022 година.
„На 19 јануари играат Барселона – Рајо Вајекано и ќе одам на „Камп Ноу“. Овој меч го одбрав за да го гледам и нашиот Столе Димитриевски кој брани во Рајо. Почнаа и плановите за тоа како да се стигне до Палермо во март, кога Македонија ќе гостува на Италија во баражот за пласман на Светското првенство“, открива Наце, кој вели дека доколку хуманитариот тикет е добитен, парите ќе ги донира на тие што им се најнеопходни.