Најскапото засилување во историјата на Атлетико Мадрид, Жоао Феликс, вечерва има прилика во Лисабон, градот во кој го привлече вниманието играјќи за Бенфика, повторно да заигра на стадионот на кој стана миленик на фановите на лисабонските Орли. Не станува збор за стадионот на Бенфика, туку оној на ривалот Спортинг.
Феликс на „Жозе Алваладе“, каде што вечер Јорганџиите играат четвртфинале на ЛШ против Лајпциг, во февруари 2019 година го постигна својот прв гостински гол во кариерата. Со тој гол ги замолкна фановите на Спортинг, а го привлече вниманието на скаутите кои почнаа да го најавуваат како „златно момче“. Засега тој не ги оправда средствата вложени во него, но оваа завршница во ЛШ на негов терен може да биде пресвртница во позитивен правец.
Атлетико за дуелот со германскиот тим се подготвуваше на тренинг-центарот на Бенфика, место кое му е многу добро познато на Феликс бидејќи до лани и тој тренираше таму, а и голманот Јан Облак како некогашен чувар на мрежата на Бенфика ќе сака да придонесе Атлетико да ги мине Црвените бикови од Лајпциг.
Ако Атлетико го мине Лајпциг, младиот Феликс ќе има шанса да заигра и на неговиот „Луж“, кој пак за Атлетико не буди убави сеќавања бидејќи на тој стадион во 2014 година на драматичен начин загуби финале против Реал Мадрид.