Луис Суарес дефинитивно е еден од најдобрите напаѓачи во светот и меѓу главните алки во тимот на Барселона. Сепак, кога се работи за мечевите во Лигата на шампионите, и тоа на гостински терен, тогаш уругвајскиот репрезентативец е како изгубен.
Неверојатен е податокот дека Суарес цели три и пол години нема дадено гол на гости во елитната лига на УЕФА. Последен пат на погодок на гости во ЛШ, Уругваецот се израдувал на гостувањето кај Рома на 16-ти септември 2015 година. Од тој погодок досега поминаа дури 1.252 дена во кои Уругваецот не погодил на гостински терен.
Вкупно 16 меча трае постот на Суарес, но тренерот Ернесто Валверде не е многу загрижен.
„Кога е Луис на теренот, знаеме дека ќе се најде во шанса. Што е поважно, тоа го знаат и противниците. Затоа Луис ни е важен играч во тимот“, рече Валверде.
Барселона вечерва гостува во Лион против Олимпик во првиот меч од осминафиналето во Лигата на шампионите и Суарес ќе има шанса да ја прекине лошата серија на гостински терен.