Не една, туку со две магии Пандев ги разочара Елмас и Наполи (видео)

На Џенова ѝ беше потребна магија, па во вистински момент се појави големиот македонски магионичар Горан Пандев и со два одлични погодоци го урна својот Наполи, а и го разочара помладиот репрезентативен колега Елиф Елмас  во победата на Џенова од 2-1.

„Уна маџија Гранде Пандев“ е реченица која никогаш нема да ни здодее да ја слушаме како италијанските коментатори ја изговараат.

Капитенот на Македонија првиот удар на својот поранешен клуб му го зададе во 11-тата минута, искусно и со многу чувство се намести да го совлада Оспина.

Петнаесетина минути подоцна следуваше нова шлаканица за гостите од Неапол, а Пандев како голем мајстор покажа дека никако не е за старо железо. 

Така Пандев со 37 години стана најстар фудбалер во топ 5 лигите во Европа, кој во актуелната сезона бележи барем два погодоци и исто толку асистенции. Заслужено замина на одмор во 67-та минута, додека пак неговиот репрезентативен наследник Елмас, остана на теренот до крајот од мечот, меѓутоа не му помогна на Наполи да се спаси од пораз.

Македонскиот дијамат пропушти две убави шанси за гол. Првата му ја одбрани голманот Перин во првото полувреме, додека во судиското надополување неговиот шут замина далеку над гредата.

Политано во 79-тата минута намали на 2-1, но тоа беше максимумот од Наполитанците кои го претрпеа седмиот овосезонски пораз по 21 коло во Серија А.

- Оглас -

Најнови вести