Холандскиот гигант Ајакс е клубот кој низ годините произведе голем број фудбалски ѕвезди кои потоа блескаат во првенствата низ цела Европа. Последна „тура“ на свежа фудбалска крв е појавувањето на Френки де Јонг, Матајс де Лихт, Јастин Клајверт, Дони ван де Бек… Сите овие играчи се меѓу 20 и 22 години и во следните 10-тина години треба да го покажуваат својот квалитет.
Де Јонг замина во Барселона, Де Лихт потпиша за Јувентус, Клајверт е во Рома, а за потписот на Ван де Бек летово ќе се борат европските гиганти. Во оваа листа на таленти требаше да биде и Абделхак Нури. Роден во Амстердам, дете на марокански избеглици, Нури уште како 8-годишно дете замина во академијата на Ајакс со една желба, да стане познат фудбалер.
Цели 10 години Нури вредно тренирал во академијата на Ајакс, а во 2015 година доби шанса да заигра во вториот тим на Ајакс. Паралелно, тинејџерот добива шанса и во најдобриот тим на Ајакс. На позицијата играч од средниот ред, Нури важеше за еден од најголемите таленти и сите очекуваа за брзо време тој да се вивне во светските ѕвезди.
Додека го живееше сонот за кој мечтаеше и се подготвуваше да стане стандарден член на првиот тим на Ајакс, се случи голема трагедија. На 8 јули 2017 година Нури со Ајакс играше пријателски меч против Вердер. Во 71-вата минута, без контакт, младиот фудбалер на Ајакс само падна на тревата. Јасно беше дека нешто страшно се случува.
Повеќе од 15 минути траеше помошта која лекарите му ја дадоа на фудбалерот на теренот, додека останатите во неверување гледаа што се случува. Нури доживеа срцев удар. Со помош на хеликоптер беше однесен во болница, каде што падна во кома, а лекарите по неколку дена соопштија дека фудбалерот претрпел трајни оштетувања на мозокот.
Во тие моменти, играчите на Ајакс и навивачите покажаа сплотеност и дадоа неверојатна подршка за семејството на Нури. Илјадници фанови доајдоа пред домот на фудбалерот за да им дадат подршка на најблиските на Нури да издржат во тие тешки моменти.
Фановите на Ајакс и на трибините постојано го скандираа името на Нури, вееја транспаренти, покажувајќи дека не го заборавиле момчето кое доживеа голема трагедија. Ајакс во 2019 година ја освои 34-тата титула и ја посвети токму на Нури, кој на својот грб го носеше дресот со бројот 34.
Цели две години и девет месеци поминаа откако Нури падна на теренот и влезе во длабок сон, а му се сруши мечта да стане врвен фудбалер, кога синоќа се случи чудо. Некогашниот млад холандски репрезентативец се разбуди од кома, а со помош на веѓите и дел од устата полека започнува и да комуницира со најблиските.
Едноставно, Нури е херојот на фудбалскиот свет во овој период кога фудбалот мирува.