Нели ви кажав?

Нели ви кажав? Нели ви кажав дека треба да се гледа со оптимизам на целата ситуација? Нели ви кажав да се стрпите – Ќе дојде лето, ќе почнат првенствата и сѐ ќе биде подобро. И еве, летото и официјално почна, првенствата се вратија на програмата, пивото е веќе во рака, а тикетот е неколкупати згужван (ќе го биде, нема да го биде), а од она што го најавив, „недостасуваат“ само +40 степени.

Се игра фудбал на големо, од Шпанија до Англија, па до Италија, натпревари кои секој ден се мерак каков што секој обложувач посакува. Германците привршуваат, тие почнаа најрано од сите и полека ги завршуваат обврските во Бундеслигата и Цвајта. Таму Баерн ја одбрани титулата, односно по рекорден осми пат во низа е национален шампион, а убава вест е што нашиот Дарко Чурлинов од следната сезона ќе го гледаме во елитата, откако со Штутгарт вчера обезбеди влез во Бундеслигата.

Кај нас пандемијата уште владее, па затоа и мерките сѐ уште се активни, а седењето дома нам ни е во полза (без разлика колку и да ни е смачено). Пак со ентузијазам се вртат каналите на ТВ, да не се пропушти мечот кој го држи во живот мудро составениот тикет. Термините на мечевите од активните шампионати од топ 5 лигите во Европа се доста агилни, завршува еден меч и веднаш почнува друг, да може да се прави поправен тикет во случај првиот да не е добитен, без разлика дали поправниот се прави на уплатните места или пак онлајн (тоа е новата шема).

Она што сакам да го кажам е дека трпението е спасение, а ние чекавме и го дочекавме рестартот на фудбалската сезона иако корона-вирусот уште прави раздор на Стариот Континент.

БАРСА СЕ ЛИЗНА, ПИКЕ СИ ПРИЗНА

Ремито без голови со Севилја ја стави Барса во незавидна позиција. Наместо лидери, Каталонците го делат првото место на табелата со лутиот ривал Реал Мадрид, со тоа што Кралевите преспаа на врвот поради подобар учинок во директните дуели (0-0 и 2-0).

На ваков или таков начин, тимот на Зидан сега е фаворит во трката за шампионската титула, иако вчерашната средба со Сосиедад отвори доста дискусии. Дали Реал ќе победеше доколку голот на Јанузај за 1-1 не се поништеше? Дали Реал ќе победеше доколку при погодок на Бензема, се досудеше игра со рака? И во двете ситуации реагираше ВАР, а и во двете ситуации пресуди во корист на гигантот од Мадрид.

По споменатото реми, Пике си призна дека Кралевите се премногу квалитетни за да кикснат до крајот на првенството, а уште осум натпревари се во прашање. Тие осум меча се како осум финалиња за двете екипи, секоја победа е важна, а и едните и другите имаат сличен распоред на противници. Како и да е, на осум кола до крајот на шампионатот ќе се бие исклучително неизвесна и тешка битка меѓу Реал и Барса, токму каква што посакува секој фудбалски фан.

ГО ЛИЧИ ДА СЕ СЛИКА СО ТРОФЕИ

И за крај, иако поминаа неколку дена, вреди да се спомене и уште еднаш да се честита. Елиф Елмас со Наполи го освои првиот трофеј во кариерата, и тоа ни помалку ни повеќе, туку против големиот Јувентус. Пеналите во финалето од Купот на Италија го закитија македонскиот дијамант, а ние можеме само да му посакаме уште повеќе успех во иднина. Останува желбата Елмас со Наполи преку Калчолигата да се пласира во Лигата на шампионите, па и следната сезона да го гледаме како се бори со најсилните екипи во Европа.

- Оглас -

Најнови вести