Челзи без многу проблеми победи во мечот кој требаше да биде дерби на главниот град на Англија. Сините со 2:0 на гости славеа против Арсенал и само потврдија дека сезонава ќе атакуваат за највисок пласман во Премиер лигата. Со оваа победа, Челзи се искачи на врвот на табелата, додека Арсенал падна на претпоследното место.
Ромелу Лукаку беше во центарот на вниманието. Голгетерот кој за 115 милиони евра направи трансфер од Интер во Челзи, покажа дека тоа е вистинска инвестиција и по само 15 минути игра донесе радост за навивачите на Сините.
https://twitter.com/i/status/1429470140471590914
Лукаку постигна гол, што е негов 114-ти во Премиер лигата и сега е на 20-тото место на најдобри стрелци во историјата на англиското првенство. Тој е само осмиот неангличанец кој постигнал 50+ голови на домашен и гостински терен во Премиер лигата.
Предноста на Челзи беше удвоена во 35 минута кога погоди Џејмс, играчот што асистираше за првиот гол на мечот. До крајот на мечот, гостите сигурно ја чуваа предноста и стигнаа до трите бода. За Челзи ова беше само четврта победа во последните 15 меча со Арсенал.
Топчиите очајно ја започнаа сезоната и по две кола се на претпоследното место на табелата, без бодови и без ниту еден даден гол.Челзи е лидер во Премиерлигата.