Струга Трим Лум е подобар тим од Работнички во моментов, тоа го докажа и со победата од 3-1 попладнево на гостувањето во Скопје.
На средбата одиграна на стадионот „Петар Милошевски“ на комплексот на ФФМ, стружани веќе по 21 минути игра водеа со 2-0 и ширум си ја отворија вратата за победа.

Кај Работнички, на клупата дебитраше новиот тренер, српскиот стратег Ален Тупајиќ, но не можеше да се израдува барем на бод. Струга даде три гола, а трипати ги погодуваше и рамките на голот, па победата можеше да биде и поубедлива.
Со оваа победа, Струга дојде само на бод негатива во однос на лидерот Вардар, а се зацврсти на втора позиција бидејќи има пет бода плус пред третата Шкендија. Работнички остана само на 7 бода во 14 кола и му претстои тешка битка за опстанок.


