Белгија повторно пропушти шанса да стигне до првиот историски трофеј на едно големо натпреварување. Селекцијата која веќе неколку години е број 1 на светската ранг листа на ФИФА, е елиминирана во четвртфиналето на Европското првенство, откако со 2:1 загуби од Италија.
Капитенот на Белгија, Јан Вертонген беше еден од најразочараните, а дел од вината за поразот ја најде и во некоректноста на противникот.
„Тажен сум. Повторно пропуштивме голема шанса да стигнеме до трофејот. Исто како на претходните турнири. Кога ќе го анализирате мечот ќе видите дека многу лесно примивме два гола, а ние пропуштивме многу шанси, па затоа испаднавме. Не сакам да им честитам на Италијанците затоа што ме изнервираа со нивното однесување на крајот од мечот. Постојано лежеа на теренот и крадеа од времето за игра. Сепак, не сакам тоа да биде некаков изговор за нашиот пораз“, рече Вертонген.
Капитенот на Белгија има 34 години и вкупно 130 меча за националниот тим каде што прв пат заигра во 2007 година. За Вертонген следната шанса треба да биде Мундјалот во Катар, секако прво Белгија да обезбеди место на завршницата.