Не сакаат сите да играат за Специјалниот: Го оставил Мурињо да чека во хотел и не се појавил на состанокот

Жоакин Санчез е еден од најстарите фудбалери кои се дел во Топ 5 лигите. Започна во Бетис пред 20 години, а и сега е дел од андалузискиот тим. Иако летово наполни 39 години, Жоакин не се откажува и е стандарден во тимот на Бетис.

Освен во Бетис, Жоакин играше и за Валенсија, Малага и Фиорентина. Во 2005 година имал шанса да направи трансфер во Челзи, но самиот одбил да замине во Англија. Офанзивниот играч имал договорено состанок со тогашниот тренер на Челзи, Жозе Мурињо, но едноставно не се појавил на договореното место.

„Мурињо беше во хотелот и ме чекаше. Јас само што се вратив од снимање на една реклама во Мадрид. Знаев дека ако отидам на состанокот, со Мурињо ќе заминев во Англија. Затоа решив да не се појавам. Не сакав да си одам. Подоцна имав шанса да разговарам со Жозе и му се извинив. Ми рече дека јас сум бил првиот фудбалер кој го одбил да игра за него“, открива Жоакин за случката од пред 15 години.

Една година по таа одбиена понуда, Жоакин си замина од Бетис и потпиша за Валенсија. Ветеранот вечерва ќе има тешка мисија за освојување на трите бода во меч од Примера, затоа што противник на Бетис е шампионот Реал Мадрид.

 

 

- Оглас -

Најнови вести