Поранешниот фудбалер на Ливерпул и Њукасл, Џонџо Шелви, повторно е во центарот на вниманието откако медиумите пишуваа за неговиот промашен пенал за време на меч од втората лига во Обединетите Арапски Емирати.
Шелви игра за тамошниот второлигаш Арабијан фалконс, а на последниот меч, промаши пенал. Овој меч се играше само пред 80 гледачи.
„Баш ми е гајле за коментарите. Читав дека пишуваа како сум заминал во Емирати поради пари. Какви пари бе? Нема пари во втората лига во Емирати. Тука стандардната плата е околу 2.500 евра месечно за фудбалер. Тоа не е ништо во однос на тоа што заработував во текот на кариерата. Мојот брат заработува повеќе пари како работник во хотел во Лондон, така што во Емирати не сум поради парите“, рече Шелви.
Летоска Шелви се повреди и така му пропадна шансата да потпише добар договор во Англија, па сега заврши во Дубаи, во тим каде што тренер е негов пријател од детството.
„Моето време помина. Среќен сум и задоволен. Сега сум во фаза во која сакам да уживам во фудбалот. Сакам да поминувам и повеќе време со моето семејство. Ако сакате искрено да ви кажам, не сакам моите деца да растат во Англија. Имавме голема среќа што живеевме во убав дел од Велика Британија, но работите се сменети. Веќе никогаш не би носел часовник во Лондон. Не можете ни мобилен телефон да имате надвор додека сте во Лондон“, објаснува Шелви.
Според последните официјални податоци, повеќе од 80.000 мобилни телефони годишно се крадат само во Лондон, а градот стана несигурно место за живеење.
„Не читам за политика и не слушам што зборуваат. Јас гледам што се случува. Едноставно, чувствувам дека Обединетото Кралство не е тоа што беше пред 10-15 години“, заврши некогашниот играч на Ливерпул и Њукасл.