Сакаше да го испочитува дадениот збор и тоа го чинеше живот – пред 52 години загина еден од најдобрите кошаркари на сите времиња

Пред точно 52 години, на 2 јуни 1969 година, трагично загина еден од најдобрите југословенски и европски кошаркари на сите времиња, Радивој Кораќ. Тоа е кошаркарот кој ѝ даде премногу на кошарката и никогаш не е заборавен, иако имаше само 29 години.

Кораќ беше во врвот на кариерата кога се случи трагичната сообраќајна несреќа. На 1 јуни 1969 година, репрезентацијата на Југославија играше контролен меч против селекцијата на Босна и Херцеговина, а по дуелот сите кошаркари заминаа од Сараево. Остана само Кораќ, кој претходно му имал ветено на еден новинар на „Ослободување“ дека ќе му даде интервју.

Следниот ден популарниот Жучко со својот автомобил тргнал назад кон Белград, но… На 12 километри од Сараево, кај селото Каменица, Кораќ со својот автомобил излетал од патот и починал на самото место. Брзал да стигне во Белград за да гледа една театарска престава.

Кораќ беше првиот спортист кој беше погребан во Алејата на великаните во Белград, а на барање на тогашниот претседател Јосип Броз Тито, врз ковчегот на Кораќ било ставено олимпиското знаме, а не државното на СФРЈ.

„Тој беше поголем од земјата која ја претставуваше, тој му припаѓаше на целиот свет“, биле зборовите на Тито.

Во чест на Кораќ, едно европско натпреварување го носеше неговото име, а и Купот на Србија се вика Радивој Кораќ.

НА ЕДЕН МЕЧ ДАДЕ 99 ПОЕНИ, ИМАШЕ ЧУДЕН НАЧИН НА ИЗВЕДУВАЊЕ СЛОБОДНИ ФРЛАЊА, НО НЕ ГРЕШЕШЕ

Радивој во првата лига дебитирал на 19 години и дури седум пати во низа бил најдобар стрелец во првенството. Никој ни претходно, ни потоа не успеал да го достигне овој рекорд на Кораќ. Како играч на ОКК Београд, четири пати беше првак на Југославија (1958, 1960, 1963 и 1964), а во десетте сезони кои ги одигра за овој тим постигна неверојатни 5.773 поени, односно 34 поени по меч.

За репрезентацијата на Југославија дебитирал во 1958 година и играше на четири Европски првенства. Дури трипати на континенталните собири беше најдобар стрелец, а има два сребрени медали од ЕП (1961 и 1965), како и две сребра од Мундијалите во 1963 и 1967 година. Вкупно одигра 157 меѓународни меча и даде 3.153 поени, односно 20,1 поен во просек по натпревар.

На 14 јануари 1965 година, во меч од Купот на шампионите против шведскиот Алвик, Кораќ даде НЕВЕРОЈАТНИ 99 ПОЕНИ! Само еден поен му недостасуваше на популарниот Жучко да го стигне рекордот на легендарниот Вилт Чемберлен, кој на НБА-меч има постигнато 100 поени.

Од ОКК Београд, Кораќ кариерата ја продолжи во Белгија, во тимот на Стандард Лиеж, каде што исто така стана државен првак. Во еден предизвик запрашан колку пати може да погоди од 100 слободни фрлања, Кораќ рекол дека може да погоди околу 80 удари, но откако го прифатил предизвикот, ги погодил сите 100 шута од линијата за „пенали“. Беше препознатлив токму по начинот на кој ги изведуваше слободните фрлања, а тоа е со „двете раце од земја“.

Од Лиеж замина во Италија, во тимот на Падова, каде што одигра една сезона, а потоа се случи трагичната несреќа. И по повеќе од половина век од неговата смрт, Кораќ е поим за кошарката.

 

 

- Оглас -

Најнови вести