Репрезентацијата на САД во женска конкуренција ја одбрани титулата светски првак во ватерполо откако во денешното финале ја надигра Шпанија со убедливи 11-6. За Американките, ова е трета светска титула едноподруго.
Во финалето во Гвангџу, клучна се покажа третата четвртина, која САД ја доби со 4-0 и во последниот квартал се влезе со недостижни 9-3.
Сега САД со шест златни медали го подобри рекордот во женското ватерполо, кое на светските првенства првпат се појави во 1986 година. Шпанките останаа на едно злато, од 2013 година, кога првенството во водени спортови се одржуваше во Барселона. Бронзата ја освои Австралија, која во мечот за трето место ја победи Унгарија со 10-9. Унгарките ќе останат запаметени по рекордниот невиден триумф од 64-0 против домашната Јужна Кореја.
Во машкото финале на СП, утре ќе играат Италија и Шпанија, а битка за бронзата ќе водат Хрватите и Унгарците.