Не се во финалето, но тие се хероите за оваа сезона во ЛШ

Вилјареал, град кој има само 50.000 жители, сезонава до крајот беше дел од елитата во Лигата на шампионите. Местото кое е дом на Жолтата подморница вечерва беше домаќин на Ливерпул во полуфиналето од елитното натпреварување на УЕФА, а англискиот гигант го стопира домаќинот во остварувањето на сонот да игра во финалето.

Вилјареал може во следната сезона воопшто да не игра во европските натпреварувања затоа што е на седмото место во шпанското првенство, но и лошиот настап на домашна сцена, тоа е тимот кој е херој за оваа сезона во Лигата на шампионите.

Во групната фаза, Вилјареал во последното коло на гости ја победи Аталанта и дојде до второто место во групата за место во нокаут-фазата. Во осминафиналето на ЛШ, Вилјареал прво го доби Јувентус. Мечот на „Ел Мадригал“ заврши 1:1, а на реваншот во Торино, Вилјареал направи изненадување и победи убедливо со 3:0 за пласман во четвртфиналето.

Откако го елиминира најтрофејниот италијански тим, на ред дојде најдобриот клуб од Германија. Вилјареал со 1:0 славеше над Баерн Минхен во Шпанија, а на реваншот на „Алијанц арената“, Жолтата подморница даде гол во 90-тата минута за 1:1 и шокантна елиминација на Баерн Минхен.

Против Ливерпул, Вилјареал одигра едно фантастично полувреме и стигна до 2:2, но тимот немаше сила да продолжи во исто темпо во вториот дел во реваншот, па Жолтата подморница конечно беше „потопена“.

Ливерпул ќе игра во финалето на Лигата на шампионите на 28 мај во Париз, но Вилјареал дефинитивно ја испиша најубавата приказна во елитното друштво и покажа дека и место кое има само 50.000 жители може да биде рамо до рамо со најдобрите.

- Оглас -

Најнови вести