Порто повторно тргнува тивко во нова европска авантура и иако никогаш не се фаворити, си изградија прекрасен имиџ на клуб што многу вреди и има успеси во куповите.
Двапати беа европски прваци, уште двапати го креваа пехарот во Лигата на Европа, а со вкупно 7 интернационални трофеи се меѓу најуспешните екипи.
Порто денеска ќе го почне 24-тото учество во фазата по групи во Лигата на шампионите со гостување кај Манчестер сити и повторно, како и најчесто, им се повторува приказната.
„Не сме фаворити, но и со таков статус имаме две титули европски првак, вкупно 7 интернационални трофеи и со 24 учества во фазата по групи, заедно со Баерн сме само зад Реал и Барселона. Па изгледа дека и ни одговара да сме аутсајдери“, изјави Пинто да Коста, претседателот на Порто.
Популарните Змаеви од Драгао беа европски прваци во сезоните 1986/87 и 2003/04, а веднаш по освојувањето на првата шампионска круна, играа во Скопје против Вардар во КЕШ.
Сега, како што вели Коста, амбициите се да се одигра сезона во која ќе се вкомпонира тим што ќе очекува позначајни успеси во следниот период.
Порто е еден од најуспешните клубови на трансфер-пазарот со продажба на играчи, од што и заработува најмногу пари и е во топ-5 клубови на Стариот Континент според приходите во оваа категорија.