Серхио Агуеро пред почетокот на оваа сезона реши да направи трансфер во Барселона со желба да биде соиграч со неговиот колега од репрезентацијата на Аргентина, Лионел Меси.
Сепак, Агуеро и Меси не одиграа ниту еден меч заедно во Барселона затоа што Лео си замина од „Камп ноу“ и потпиша за Пари Сен Жермен. Сепак, тоа не беше најлошото нешто што му се случи на Агуеро.
Прославениот голгетер последниот меч за Барселона го одигра на 30 октомври против Алавес, кога во финишот на првото полувреме мораше да биде заменет. Агуеро падна на теренот и покажа дека има проблеми со дишењето. По направените лекарски прегледи, беше констатирано дека Агуеро има проблеми со срцето и лекарите го советуваа во следните три месеци да ја следат неговата состојба.
Сепак, ситуацијата со Агуеро е сериозна и се очекува в среда тој и официјално да каже збогум на професионалното играње.
🚨🚨🚨 El Kun Agüero anunciará el miércoles que se retira del fútbol https://t.co/MwipKKUpuI
— MARCA (@marca) December 13, 2021
Агуеро одигра само 165 минути во дресот на Барселона и даде еден гол, тој против Реал Мадрид во Ел Класико.
Напаѓачот кој има 33 години започна во Индепендиенте, а потоа се пресели во Европа, кога потпиша за Атлетико Мадрид. По пет сезони за Јорганџиите, Аргентинецот за 40 милиони евра направи трансфер во Манчестер сити.
Во дресот на Граѓаните стана легенда на клубот. Тој е најефикасниот фудбалер во историјата на Манчестер сити, а негов најпознат погодок е тој против Квинс парк ренџерс, кога во 93-тата минута погоди за 3:2 и на тој начин Сити стана првак на Англија.