Играчите на Сан Антонио го „налутија“ Лука Дончиќ, а тоа не е добро (Видео)

Далас маверикс очајно го започна мечот против Сан Антонио, па гостите само по неколку минути, стигнаа до предност од 23:3. Но тим кој во своите редови има играч како Лука Дончиќ, секогаш верува дека може да се врати, а така беше и овојпат. Само по 10-тина минути, Далас не само што ја стигна негативата на противникот, туку и поведе со 36:29.

На крајот, Далас успеа и да победи, а очекувано најдобар во домашниот тим беше Лука Дончиќ, кој даде 25 поени.

 

Јута џез одигра одличен меч и на крајот убедливо со 122:91 го победи Хјустон на гостински терен, во еден од шесте меча кои утрово се играа во НБА-лигата. Уште од самиот старт, Џезерите покажаа дека се дојдени да победат, па по првата четвртина имаа предност од 32:18. Во продолжение на средбата, негативата во ниту еден момент не падна под 10 разлика.

Во еден момент од втората четвртина беше 54:28 за гостите, а во третиот квартал Јута стигна и до најубедливата предност од 90:64 (плус 36 поени). Најдобар во победничкиот тим беше Бојан Богдановиќ, кој за 25 минути поминати на теренот постигна 19 поени. Интересно е што Богдановиќ беше болен и неколку часа пред мечот воопшто не беше планиран да игра. Со оваа победа Јута остана единствениот тим во НБА лигата што има максимален учинок од четири победи во четири натпревари.

Њујорк за малку ќе направеше од готово-вересија на гостувањето кај Чикаго. Од финишот на првата четврина до крајот на мечот, гостите постојано беа во предност, а нивната позитива беше 104:91 на три минути до крајот. Сепак, наместо мирна завршница, се случи драма. Чикаго стигна до 104:103, гостите промашија две слободни фрлања и последниот напад за победа го имаа Биковите, но промашија шут за победа.

Резултати: Филаделфија – Детроит 110:102, Вашингтон – Аталанта 122:111, Чикаго – Њујорк 103:104, Хјустон – Јута 91:122, Далас – Сан Антонио 104:99, Голден стејт – Мемфис 101:104 (по продолжение).

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести