Не успеа да ја однесе БиХ на ЕП и доби отказ, прв фаворит за наследник е некој кој никогаш не бил тренер

Саво Милошевиќ едвај седум месеци издржа на клупата на Босна и Херцеговина, а денеска доби отказ. На српскиот стратег не му беше продолжена соработката откако не успеа да ја одведе БиХ на завршницата на Европското првенство кое летово ќе се игра во Германија.

Милошевиќ на чело на репрезентацијата дојде во септември минатата година и главна цел беше да ја одведе Босна и Херцеговина на завршницата на континенталниот собир. Во полуфиналето од баражот, БиХ на свој терен загуби од Украина со 1:2.

Како најсериозен наследник на Милошевиќ се споменува Сергеј Барбарез, кој е икона на репрезентацијата на БиХ. Легендарниот капитен на БиХ во периодот од 1998 до 2006 година одигра 47 меча и постигна 17 голa. Играчката кариера ја започна во Вележ, а потоа замина во Германија, каде што играше за екипите на Хановер, Унион Берлин, Ханза Росток, Борусија Дортмунд, Хамбургер и Баер Леверкузен. Во сезоната 2000/01 беше најдобар стрелец во Бундеслигата.

Интересно е дека Барбарез никогаш не работел како тренер, но тој е главна желба за нов селектор на навивачите во БиХ.

- Оглас -

Најнови вести