Не заигра за Македонија, вторпат ќе игра против македонски тим во квалификации за ЛШ

Урош Матиќ по вторпат во последните три години ќе игра против македонски тим во квалификации за Лигата на шампионите и во вторник ќе биде адут на азербејџанскиот шампион Карабах против Силекс.

Помладиот брат на познатиот играч на Манчестер јунајтед, Немања Матиќ, пред дваесеттина дена потпиша тригодишен договор со Карабах и ќе има право да игра против кратовци во квалификацискиот нокаут-меч од првата рунда на патот кон Лигата на шампионите, закажан за 18 август од 18 часот.

Матиќ беше во сериозни преговори да настапува за македонската фудбалска репрезентација, дури беше и во Скопје на покана на ФФМ, но до конечен договор не дојде.

Бабата на Урош и на Немања е од Македонија и тука се бараше нишка за евентуален настап на помладиот од браќата Матиќ за нашиот национален состав.

Урош веќе играше против македонски клуб во квалификации за Лигата на шампионите, за Копенхаген против Вардар во полуфиналето во сезоната 2017/18 и успеа со својот тим да мине понатаму со вкупен резултат од 4:2.

Матиќ играше против Вардар на вториот меч во Копенхаген, а интересно, потоа испаднаа токму од сегашниот негов клуб Карабах, екипа која се пласира во фазата по групи како прва во историјата на азербејџанскиот фудбал.

 

 

- Оглас -

Најнови вести