СпортМанија во Раденци, Словенија
Освојување на двојна круна на домашна сцена и што е можно подолго останување во европските купови се главните цели на Вардар за новата сезона, брифираше Извршниот директор на Вардар, Миленко Неделковски на состанокот во Раденци, Словенија. Најтрофејниот македонски фудбалски клуб веќе 10-тина дена е на подготовки во Словенија, каде владее дисциплина и работна атмосфера, а тренерот Гоце Седлоски го склопува тимот кој ќе има големи амбиции, но и одговорност во сезоната која што доаѓа.
„Нашите амбиции се јасни, а тоа е освојување на двојна круна на домашна сцена. Знаеме дека тешко се стигнува до такво нешто затоа што доволно е да се има само еден лош меч, еден натпревар кој може да ти ги наруши плановите. Сепак, ние работиме напорно и веруваме дека тоа е можно. Што се однесува европската сцена, амбиција ни е да го поминеме ривалот од Сан Марино, а секако и потоа да се обидеме да одиме што е можно подалеку“, вели Неделковски.
Првиот човек на Вардар информираше дека Вардар е единствениот фудбалски клуб во Македонија кој на крајот од сезона пријавил профит.
„Вардар по многу работи е единствен, а сезонава која што измина ние бевме и единствен клуб кој на крајот пријавивме профит и тоа од 250.000 евра. Ниту еден друг клуб немаше пријавено профит, па дури и шампионот Шкендија пријави загуба на крајот од сезоната“, открива Неделковски.
Што се однесува до буџетот, Црвено-црните планираат во новата сезона да располагаат со буџет од најмалку 3,5 милиони евра. Клубот речиси го има формирано ростерот на играчи со кои ќе атакува на остварување на високите амбиции.