14.8 C
Skopje
среда, 25 февруари 2026

Неделковски испрати една директна и веројатно една индиректна порака по елиминацијата на Вардар од Купот

Вардар не ја исполни мисијата да го одбрани тронот во најмасовното фудбалско натпреварување во Македонија, Купот. Црвено-црните беа огромни фаворити, но вчера на свој терен загубија од второлигашот Охрид на пенали со 2:4, откако во регуларниот дел беше 1:1.

Вардар водеше до 90+1 минута, кога гостите постигнаа гол за израмнување и се изборија за пенали, каде што беа подобри и на крајот се радуваа на пласман во полуфиналето.

По елиминацијата од Купот, првиот човек на Вардар, Миленко Неделковски, преку својот фејсбук-профил постираше духовита карикатура со која на Охрид му го честиташе пласманот во полуфиналето и напиша: „Духовито, вистинито и со среќа во полуфиналето“.

На Вардар сега му останува да се фокусира на мечевите во првенството. Уште пред почетокот на шампионатот, Неделковски изјави дека главен приоритет на Вардар е да ја освои титулата во првенството. Засега добро му оди на најтрофејниот затоа што Вардар има шест бода повеќе од второпласираната Шкендија и дури девет од третиот на табелата, тимот на Струга ТЛ.

Сепак, уште ништо не е готово, а Неделковски постираше и една изјава на првиот човек на Црвена ѕвезда, Звездан Терзиќ, во која претседателот на Црвено-белите зборуваше за освојување на титулата и, меѓу другото, рече:

„Испратив јасна порака на сите мои соработници, на мојот стручен штаб, на моите играчи, е немој да се шегувате, немојте да ми се смеат во мај, ќе ве задавам сите. Сакам да испратам една порака, бидете сериозни. Реков дека ќе бидеме шампиони 100 отсто и немој случајно некој… Ѕвезда ми е поважна од што било друго. Освојувањето на шампионската титула ми е над сите други интереси. Значи ќе го згазам секој од вас најблиските и играчите и сите кои ќе ми застанат на патот и кои нема максимално да ги извршуваат своите обврски“, вели Терзиќ во интервјуто на кое Неделковски токму денеска потсети.

Заедничко за Ѕвезда и Вардар е тоа што двата клуба не размислуваат за ништо друго освен освојувањето на титулата во домашните првенства.

- Оглас -

Најнови вести