Изминативе неколку дена главен спортски настан во Скопје беше ракометниот хепенинг „Легендите на сцена“, во организација на Спортското радио 90.3 фм. Единственото спортско радио во Македонија прославува 20 години од постоењето и на сите љубители на спортот им подари еден уникатен настан со најдобрите македонски ракометни ѕвезди, но и ѕвездите кои во изминативе години играа во нашата земја.
Еден од оние кои од „сенка“ даде голем удел за овој настан е Сашо Кузмановски, спортски новинар и програмски уредник на Спортското радио 90.3 фм, чиј глас сигурно многу добро го препознаваат сите оние љубители на спортот на радио. Кузмановски оваа година прославува еден убав јубилеј, а тоа е 30 години работа во спортското новинарство, па тоа е една причина повеќе да биде гостин во нашата рубрика „Хуманитарен тикет“.

Беше ли тешко да се организира еден еден таков ракометен хепенинг и што значи кога на крајот сè ќе биде во ред и одлично организирано?
„Исклучително тешка мисија, која на почетокот ни изгледаше невозможна, но подоцна излезе многу реална. Вложивме многу труд и време да ги организираме сите детали, најтешко, секако, беше да се обезбедат сите тие големи имиња на македонскиот и на европскиот ракомет во еден ист термин на едно исто место. Но, успеавме, и тоа ни прави големо задоволство“, вели Кузмановски.
ЦЕЛ ЖИВОТ „ЗАРАЗЕН“ СО СПОРТОТ, МИКРОФОНОТ Е НЕГОВ ВЕРЕН ПРИЈАТЕЛ
Од каде љубовта за спортот и новинарството и тоа токму за радионовинарството?
„Тоа почнува уште од тинејџерските денови. Радиото ми е прва љубов и до денеска моја професија. Му се радувам на предизвикот пред микрофонот, исто како и на почетоците, со тоа што во тинејџерските денови почнав најпрво како радиоводител на музички емисии, за многу кратко потоа почнав со она што го работам и денеска – спортското новинарство“, вели Кузмановски.

МНОГУ УБАВИ СПОМЕНИ, МНОГУ ПРОШЕТАНИ МЕСТА И ГРАДОВИ, УЖИВА ДА ГЛЕДА ФУДБАЛ СО СИНОТ
Во изминативе три децении Кузмановски известувал, но и бил дел од организацијата на многу важни спортски настани во Македнија. Неговиот глас е препознатлив и на арената „Тодор Проески“ кога игра македонската фудбалска репрезентација, но тој речиси секогаш е присутен и на настапите на останатите наши национални селекции, но има некои кои посебно се паметат.
„Како и секој спортски новинар кому фудбалот му е база, никогаш нема да го заборавам известувањето од историското учество на Македонија на европското првенство во 2021, а претходно и известувањето од првото учество на една наша фудбалска репрезентација на континенталниот собир, тоа беше младата репрезентација (У21) на ЕП во 2017 година во Полска. Посебен предизвик беа оние бараж-дуели на сениорите за СП во Катар и сензацијата над Италија во Палермо. Потоа и оној меч во Порто, каде што не успеавме да направиме тотална сензација. Има и мноштво други настани, конкретно кога зборуваме за ракометниот хепенинг во Скопје со ракометните легенди, се сеќавам на она Европско првенство во ракомет во Ниш. Тоа беше посебно уживање за работа и за известување“.

Кој е твојот омилен спорт што со посебно уживање го следиш и во оние моменти кога не треба професионално да си присутен? Кој е твојот омилен клуб?
„Фудбалот и одбојката ми биле професионална ориентација уште од стартот. Не можам да кажам кој ми е подраг за работа, но овие два спорта ми се ‘слабост’. Сакам да одам на големи натпревари, имам симпатии кон Ливерпул, а поради синот, кој е голем навивач на Реал (М), годинава во приватна режија бев на ‘Бернабеу’ да ја почувствувам таа фудбалска големина, но овојпат од агол на обичен гледач“, открива Кузмановски.

Како еден од следните големи проекти што го очекуваат Кузмановски, освен фудбалските, секако е и Европското првенство во одбојка на кое Македонија четврти пат во низа ќе биде дел од елитната континентална сцена.
„Уживам гледајќи клупски фудбал, Премиер лигата ми е слабост, но и македонскиот фудбал си има посебно место во календарот на неделни настани. Еве, следната година се подготвувам за уште едно Европско првенство во одбојка. Сигурно ќе бидам со нашите одбојкари на четвртото европско, овојпат во Бугарија“, заврши новинарот Кузмановски, кој зад себе веќе има 30-годишно искуство.


 
                                    