Неговиот тим губи со 0:3, а верува дека може да помине понатаму

Милвоки бакс имаше одлична сезона во регуларниот дел од НБА лигата и заврши со 56 победи и само 17 победи, што беше најдобар биланс. Со таков скор, тимот предводен од центарот Јанис Адетокумбо се наметна како еден од фаворитите дури и за шампионската титула.

Сепак, уште еднаш се покажува дека плејоф дуелите се со посебен мотив, а тоа Милвоки најдобро го почувствува на своја кожа во мечевите со Мајами хит. Жешките од Мајами играат како во транс. Тие се првиот тим во историјата на НБА кои успеале да стартуваат со седум победи по ред во плејофот, а да не бидат меѓу првите четири екипи во регуларниот дел.

Мајами ноќеска со неверојатна игра во последната четвтина успеа да го победи Милвоки со 115:100, иако по три четвртини беше во негатива од 12 разлика и сега е на чекор од конференциското финале. Иако Милвоки е пред испаѓање, сепак првата ѕвезда во тимот, Адетокумбо верува во чудо.

„Мајами е одличен тим кој знае да игра на високо ниво во текот на сите 48 минути. Затоа, ако сакаме да ги победиме, мораме да бидеме на исто ниво во текот на целиот меч, а не само 36 минути. Знаевме дека ова ќе биде тешка серија и мора да играме подобро. Губиме со 3:0, но ако постои тим кој може да се врати, тоа сме ние. Мора да веруваме во себе. Во минатото правевме работи за кои никој не веруваше дека можеме да ги направиме. Сакам моите соиграчи да покажат самодоверба, затоа што јас сум сигурен дека можеме да одиме во конференциското финале“, вели оптимистички Адетокумбо.

Никој никогаш во историјата на НБА не успеал да се врати од 0:3 и да ја добие серијата со 4:3. Следниот меч се игра в недела во 21:30 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести