Неиграњето на НБА и евролигашки играчи е шанса за „црвено-жолтите“ за пласман на ЕП

Пресметки со најсилните европски репрезентации, како Србија, Франција, Шпанија, Грција, Турција, Русија, Литванија, е новата реалност за македонската репрезентација по враќањето меѓу 32-те најдобри селекции во Европа.

По двегодишна борба за бегство од дното, Македонија конечно исплива на површина и повторно има шанса да игра на големо натпреварување. На Евробаскетите бевме редовни од 2009 до 2015 година, но потоа се случи киксот во квалификациите за ЕП 2017, па се најдовме таму каде што сите знаевме дека не ни беше местото.

Сега тоа е минато и избраниците на селекторот Јорданчо Давитков од 25-ти ноември годинава ќе почна да водат битка за пласман на ЕП 2021. Ќе бидеме во група составена од четири тима, а од тие четири, три одат на ЕП.

Потенцијални ривали ни се сите најсилни селекции од Европа, а предност за Македонија може да биде што немаме членови на НБА или евролигашки екипи, па ќе играме комплетни, за разлика од фаворитите кои имаат свои играчи во елитните лиги и ќе мора да играат против нас со комбинирани и драстично ослабени состави.

И кога би требало да играме со гигант, на пример како Шпанија, нема да бидеме без шанси бидејќи за „црвената фурија“ не би играле НБА-ѕвездите, ниту членовите на Реал, Барса, Басконија или Гран Канарија.

Квалификациите се играат од 25-ти ноември до трети декември 2019, па од 17-ти до 25-ти февруари 2020, потоа од трети ноември до први декември 2020 и на крајот 15-23 февруари 2021. Ова се термини кои ги спречуваат НБА-играчите да играат за своите земји, а ако не се постигне договор со Евролигата, и евролигашките кошаркари нема да може да настапат.

- Оглас -

Најнови вести