Бразилскиот дефанзивец на Јувентус, Глејсон Бремер, го повика Нејмар да му се придружи во гигантот од Торино. Бремер ја прокоментира и ситуацијата со друг негов сонародник, Даглас Луис, кој по конфликт со раководството е сè поблиску до заминување од клубот.
Во интервју за „Газета дело Спорт“, по долгоочекуваното враќање од повредата на лигаментите, Бремер го изрази своето мислење за Нејмар и ја поддржа идејата тој да пристигне во Јуве.
На прашањето за трендот големи ѕвезди да се приклучуваат во Серија А во завршните фази од својата кариера, како Лука Модриќ во Милан и Кевин де Бројне во Наполи, Бремер беше дециден:
„Секако. Би било одлично да имаме некој како Нејмар овде во Јуве.“
За Даглас Луис, Бремер потврди дека играчот веќе ја донел својата одлука, но важно е тоа што се вратил и се извинил на клубот, тренерот и соиграчите.
„Сега е тука и работи добро“, истакна Бремер.
Во последно време, Нејмар се поврзуваше и со изненадувачки трансфер во Олимпик Марсеј, но Французите не се единствените кои би се заинтересирале за него, доколку бразилскиот напаѓач реши да смени клуб во пресрет на Светското првенство во САД, Канада и Мексико следната година.