Нејмар не е повикан на собирот на бразилската репрезентација за пријателските натпревари против Франција и Хрватска кон крајот на март. Ѕвездата на Сантос изрази жалење што селекторот Карло Анчелоти не го вклучил на списокот, но порача дека останува целосно фокусиран на настапот на Светското првенство.
„Морам да го кажам ова бидејќи не може да помине незабележано. Не можам да молчам. Секако дека сум вознемирен и тажен што не сум повикан. Но, фокусот останува, ден за ден, тренинг за тренинг, натпревар за натпревар. И понатаму сме концентрирани. Ќе ја оствариме нашата цел. Пред нас е уште конечниот список“, изјави Нејмар.
Нејмар сега има уште една можност да добие повик во репрезентацијата пред почетокот на Светското првенство. Селекторот Анчелоти конечниот список ќе го објави на 19 мај, а дотогаш Нејмар ќе одигра десет натпревари во првенството, два во Купот на Бразил и четири во Копа Судамерикана.
Останува да се види дали ќе биде физички подготвен за сите тие предизвици и дали ќе успее да го убеди Анчелоти дека конечно ја достигнал врвната форма, што е клучен услов на селекторот на бразилската репрезентација.
Нејмар оваа година за Сантос одигра само четири натпревари и постигна два гола со две асистенции. Го пропушти мечот против Мирасол поради одмор и контрола на оптоварувањето, а токму тој натпревар од трибините го следеше Анчелоти. Се верува дека тоа отсуство му ги намалило шансите за повик за претстојните пријателски натпревари.
Бразилската репрезентација ќе се собере за шест дена во Орландо, на Флорида.

