Нејмар и Меси веќе не се дел од екипата на ПСЖ. Аргентинецот игра одлично во МЛС-лигата за Интер Мајами, додека Нејмар сè уште го чека своето деби за Ал-Хилал во првенството на Саудиска Арабија.
Двајцата во Париз беа донесени за да го направат ПСЖ најдобриот клуб во светот, но не успеаја во тоа.
„Дојдовме во Париз за да испишеме историја. Сакавме да дадеме сѐ од себе, да испишеме историја и да бидеме шампиони. За жал. не успеавме во тоа“, вели Нејмар.
Потоа тој го продолжува разговорот за тоа што му се случуваше на најдобриот светски фудбалер во Париз.
„Минатата сезона за него имаше две страни на паричката. Помина низ рајот со Аргентина и навистина бев среќен поради него, а во Париз минуваше низ пекол. Според мое мислење, не се однесуваа фер кон него. Не заслужи така да си замине“, додаде Бразилецот.
Нејмар летово си замина од ПСЖ и потпиша за Ал-Хилал од Саудиска Арабија и сè уште го очекува дебито, но уште сега знае каде ќе ја продолжи кариерата.
„Сакам повторно да играм за Сантос. Не знам кога, но кога-тогаш ќе се вратам“, вели Нејмар.